Slide 1 Slide 2 Slide 3
Example Frame

Воспоставувањето на Натура 2000 мрежата - услов за членство во Европската Унија

Преговори за членство во Европската Унија

Во текот на процесот на преговори за членство во Европската Унија од земјата кандидат се очекува во целост да го прифати правото на Европската Унија (acquis communautaire), со тоа што за одредени правни акти е можно да се преговара за добивање на преоден период. Тоа значи дека Република Македонија ќе се обврзе во целост да го прифати правото на Европската Унија со датумот на пристапување кон неа, но за определени акти ќе има можност за преоден период (за што ќе се постигне согласност при преговорите).

Преговорите се одвиваат по поглавја, при што делот за животна средина е означен како поглавје 27 и е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Преговорите за одредено поглавје времено завршуваат со изработка на финална општа позиција на земјите членки, но сепак ниедно поглавје не може да се смета за конечно затворено се додека не се постигне договор за сите поглавја, односно важи принципот „ништо не е затворено додека сè не е затворено“. Следствено, можно е отворање на веќе затворени поглавја.

Во националното законодавство во краток временски период е потребно да се транспонираат повеќе од 200 акти на законодавството за животна средина на ЕУ. Следствено, животната средина, односно поглавјето 27, е клучен сектор во преговорите за пристапување. Исто така, таа е еден од секторите кои бараат значителни инвестиции со цел да се постигне усогласувањето со правото на ЕУ (acquis).

Со оглед на тоа што некои од директивите бараат многу големи инвестиции за нивна имплементација, во рамките на преговорите можно да се одобрат преодни мерки за некои од нив, под услов преодните мерки да бидат ограничени во време и во обем.

Од законодавстото кое влегува во поглавјето 27, можно е да се одобрат преодни (транзициски) периоди во областите отпад, води, индустриско загадување и квалитет на воздух.

Не е можно одобрување на преоден период за хоризонталното законодавство (оценка на влијанието врз животната средина, пристап до информации итн), законодавството од областа на природата или рамковното законодавство (рамковно законодавство за отпад, рамковно законодавство за води итн.).

Транзициските периоди се одобруваат само врз основа на детално образложени потреби и реални планови за имплементација во кои се наведени чекорите и финансиските обврски кои ќе бидат реализирани за да се обезбеди целосна усогласеност со предметното законодавство до крајот на трансицискиот период.

Со оглед на тоа што за законодавството од областа на природата, следствено на тоа и за Директивата за хабитати и Директивата за птици кои заедно ја уредуваат Натура 2000 мрежата, не е дозволен преоден (транзиционен) период, доколку мрежата не е воспоставена, Поглавјето 27 не може да биде затворено, односно преговорите за пристап кон Европската Унија не можат да се затворат.

Следствено, воспоставувањето на Натура 2000 мрежата е услов за членство во Европската Унија.